Пелистер единствен без победа во ПМФЛ, Шкупи и натаму го чува врвот

Десеттото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) не донесе големи промени на табелата.

Шкупи со победата кај Тиквеш остана на врвот и ја задржа предноста пред второпласираната Ренова. Тимот на Гоце Седлоски се наметнува како главен фаворит за титулата оваа година. Помош добива и од ривалите, кои лошо ја отворија новата сезона.

Бранителот на тронот Шкендија игра непрепознатливо. На последниот настап водеше, но на крај со празни раце си замина од Струмица кај Академија Пандев. Доколку нешто брзо не се промени, тетовчани ќе бидат без големи шанси за првата позиција во најсилната лига во Македонија.

Доминацијата на домашен терен ѝ овозможува на Брегалница Штип да има солидно бодовно салдо. Штипјани ги искористија двата порази во низа на Работнички за да скокнат на четвртата позиција. Ако се земе предвид дека гостуваат кај Пелистер во следното коло, кој и натаму не знае за победа во прволигашкото друштво, избраниците на Марјан Секуловски можат да се надеваат на продолжување на позитивната серија.

Битолските „зелено-бели“ се најголемото разочарување по десет одиграни кола. Фановите не се задоволни од резултатите, кои носат четири реми средби и дури шест порази, кои се доволни за последното место. Опстанокот во елитата моментално изгледа далечен за пелистерци.

Скопје приреди неколку изненадувања и е без пораз три кола во низа, Струга Трим Љум не може никако да се одлепи од долниот дел на табелата, каде и натаму тонат Македонија Ѓорче Петров и Борец.