Пелистер е подготвен за ПМФЛ: Битола по две години ќе гледа елитен фудбал

Екипата на Пелистер по две години повторно ќе игра во Првата македонска фудбалска лига. Битолчани го реконструираа тимот и предводени од тренерот Влатко Костов ќе играат за што е можно подобар пласман и следната сезона и ќе бркаат што повеќе бодови.

Прв натпревар за Пелистер по промоцијата ќе биде дуел против Гостивар. Натпреварот го најави повратникот Александар Ристевски, кој вети максимална борба за бодовите да останат на стадионот „Петар Милошевски“.

„Пресреќен сум затоа што се вратив во мојот матичен клуб и сум максимално мотивиран. Напорно работевме месец и пол и со нетрпение го чекаме мечот. Имаме респект кон Гостивар, донесоа добри играчи, тие се квалитетна екипа, но и ние имаме квалитет. Минавме одлични подготвки и сме добро подготвени за овој натпревар. Очекуваме и поддршка од публиката, нашата најдобра навивачка група во Македонија, „Чкембарите“, со нивна помош можеме до резултати“, изјави Ристевски.

Во име на екипата говореше и тазе пензионираниот Борче Маневски. Еден од најдобрите стрелци во историјата на мак-фудбалот останува во Пелистер каде ќе биде дел од стручниот штаб.

„По две години сме пак во Првата лига и сме во исчекување на првото коло. Битола повторно ќе може да гледа прволигашки фудбал. Екипата мислам дека е подготвена затоа што работевме напорно. Ни следи натпревар против Гостивар, се надеваме на поддршка од публиката да успееме во нашата цел, тоа е добро да стартуваме со сезоната. Пелистер секогаш ги сака трите бода. Респект за Гостивар, се работи за екипа која е организациски и финансиски на доста високо ниво, но нашата цел е секогаш да дадеме максимум на терен, па нека победи подобриот“, кажа Маневски.

Натпреварот меѓу Пелистер и Гостивар стартува во недела со почеток од 17:00 часот.