Пелистер доведе капитално засилување, Минче се врати во матичниот клуб!

По серијата заминување, фудбалскиот клуб Пелистер го договори првото огромно засилување во пресрет на подготовките за новата сезона во Втората македонска фудбалска лига. По неколку години настапи во Македонија и странство, битолчанецот Мартин Мирчевски – Минче повторно ќе го облече зелено-белиот дрес на својот матичен клуб.

Станува збор за фудбалер кој зад себе има богато прволигашко и интернационално искуство. Мирчевски настапуваше за Вардар, Академија Пандев, ТСЦ Бачка Топола, Железничар Сараево и Силекс, а има и настап за сениорската репрезентација на Македонија. Најдобрата форма ја покажа во дресот на Академија Пандев, кога беше еден од најефикасните фудбалери во домашното првенство, постигнувајќи 16 гола на 18 натпревари.

Неговото враќање во Битола претставува јасен сигнал за амбициите на Пелистер. Иако клубот во новата сезона ќе се натпреварува во Втората лига, ангажманот на Мирчевски е потврда дека целта е експресно враќање во елитното друштво.

Покрај Мирчевски новото раководство на клубот е во преговори со уште неколку квалитетни засилувања, кои наскоро треба да бидат потврдени.