ВИДЕО: Пеколен старт на „триколорите“, САД без одговор за домаќинот

Олимписката репрезентација на Франција одигра скоро совршен натпревар против селекцијата на Соединетите Американски Држави и славеше со убедливи 3-0 (0-0) во првото коло од групата А, каде претходно Нов Зеланд ја совлада Гвинеја со 2-1. 

Домашната селекција влезе со силовит пристап и во полн налет одеше кон водство, но во првите 45 минути не успеа лесно да го скрши отпорот на Американците. Гостинскиот состав имаше и две солидни шанси, но не успеа да дојде до изненадување, а на паузата остана почетниот резултат. 

Второто полувреме прикажа сосема поинаква слика на теренот и конечно домашните навивачи имаа многу причини за задоволство. Александр Лаказет ја начна мрежата на гостите во 61. минута, а потоа предноста ја удвои Мајкл Олисе од Баерн Минхен, кој стрелаше осум минути подоцна.

„Триколорите“ делуваа сосема комотно во последната третина од мечот, а до крајот успеаја и да ја запечатат победата со уште еден погодок. Творец на конечните 3-0 беше Лоик Баде од Севиља, кој го заокружи триумфот со одличен погодок со глава. 

  • Франција - САД 3-0:

Во групата Д, репрезентациите на Израел и Мали ги поделија бодовите во ремито со конечни 1-1 (0-0). Во оваа конкуренција води Јапонија, која убедливо славеше над Парагвај со 5-0.