Партизани од Албанија со поддршка по несреќата: „Се молиме за Тетово“

Македонија е во тридневна жалост, откако в четврток изгоре модуларната болница за ковид-19 пациенти во Тетово, а пожарот однесе и 14 жртви. Страшната несреќа ги натера властите да прогласат три дена жалост, а тоа ги одложи ракометните и фудбалските натпревари до недела. 

Пораки за поддршка пристигнаа од секаде, а вечерва пристигнаа и од Албанија. Во натпреварот од Суперлигата меѓу Теута и Партизани, гостинската екипа на терен излезе со маички за поддршка до тетовчани. На маичките пишуваше „Се молиме за Тетово“, како знак на поддршка до семејствата на жртвите и сите жители на овој град. 

Оваа пресметка од првото коло на тамошното првенство заврши со триумф на Теута, а својот деби-гол го постигна новото засилување од Силекс, Пепи Ѓоргиев. Покрај него, на теренот се најдоа уште четири македонски интернационалци. За Теута настапува искусниот Благоја Тодоровски, а на клупата е младиот голман Целески, додека за Партизани играат Белица, Дамчевски и Филип Глигоров.