ВИДЕО: Партизан прокоцка 2-0 и загуби од Динамо Киев, Евертон ремизираше со Аполон

Фудбалерите на Партизан, иако по првото полувреме водеа со 2-0 на крајот се поразени со 2-3 од Динамо Киев во вториот натпревар од групната фаза на Лига Европа. По денешната победа Украинците се издвоија на врвот на табелата со шест бода.

„Црно-белите“ на почетокот на натпреварот успеаја да останат мирни и покрај иницијативата на Украинците, за да во завршиот дел од првиот дел постигнат два гола. Најпрво резултатот го отвори Ожеговиќ во 34. минута, а Тавамба во 42. минута донесе комотни 2-0.

Во вториот дел по неспретната реакција на Ожеговиќ, Динамо Киев од пенал преку Мораеш намали на 2-1, а голот за 2-2 го постигна Бујалски во 66. минута. Целосен пресврт донесе Мораеш со својот втор гол во 84. минута. Натпреварот се одигра пред празни трибини на стадионот на Партизан во Белград. Во вториот натпревар од истата група Скендербеу одигра 1-1 против Јанг Бојс. Албанците поведоа по голот на Сове во 65. минута, а седум минути подоцна Асале ги постави конечните 1-1.

Лион на домашен терен одигра 1-1 со Аталанта. Французите поведоа со голот на Траоре во 45. минута, а конечниот резултат го постави Гомез. Евертон во финишот прими погодок и одигра 2-2 (1-1) против Аполон. Гостите поведоа уште во 12. минута, но Евертон со голот на Руни во првиот дел и Влашиќ во вториот направи целосен пресврт (2-1). Конечните 2-2 ги постави Јусте во 88. минута, а една минута пред голот за реми Аполон остана со играч помалку.

Бугарскиот Лудогорец на домашен терен славеше голема победа од 2-1 (0-1) против Хофенхајм со пресврт во вториот дел, а во истата група Брага го совлада Башакшекир со 2-1 (1-1) со голот на Франсергин во 90. минута.

Во натпреварите од групата Ф, Локомотив Москва со хет-трикот на Фернандеш во првите 17 минути славеше победа од 3-0 против Злин. Во вториот натпревар Шериф Тираспол одигра 0-0 против Копенхаген.

Макаби Тел Авив во Израел го пречека Виљареал на дебито на новиот тренер Ваљеха, и одигра без голови (0-0). Во првиот денешен натпревар, игран од 17.00 часот, Астана на домашен терен ремизираше 1-1 против Славија Прага.