• Иван Димовски
Фудбалерите на Црвена Звезда се радуваа на победа во 173. вечно дерби против Партизан (3-2), откако со голем пресврт во завршницата дојдоа до трите бода со кои зачекорија кон нова титула во Суперлигата. „Црно-белите“ во два наврати водеа, меѓутоа на крајот претрпеа пораз со примени голови во 90. и 99. минута од натпреварот на славната „Маракана“.
- Извештај од натпреварот:
Гостинската екипа успеа да дојде до предност со погодокот на Самед Баждар по 11 минути игра, откако по асистенција од Стојковиќ погоди за 0-1. Сепак, радоста траеше кратко бидејќи домаќинот доби пенал кој во израмнувачки погодок го претвори Гејлор Канга (1-1) во 16. минута. До полувремето немаше резултатски промени, а тогаш во вториот дел следеше мајсторија на Ксандер Северина. Асот на Партизан даде ефектен гол, со многу ефе во спротивниот агол и во 56. минута гостите поведоа со 1-2.
Следеше поништен гол за Црвена Звезда поради офсајд на Катаи, додека на ново израмнување се чекаше до пред крајот на мечот. Течеше 89. минута кога Чериф Ндијае го матира гостинскиот голман за 2-2. Судиите одредија огромно продолжение од 15 минути, а дефанзивците на Партизан направија грешка и нов пенал. Овојпат одговорноста ја презеде Александар Катаи и во деветтата минута од судиското продолжение стрела за пресврт (3-2).
Иако до крајот Партизан се обиде да се наметне и да дојде барем до бод, немаше сили за такво нешто. Со оваа победа Црвена Звезда ја зголеми предноста на табелата на десет бода и сигурно чекори кон нова титула.