• Саше Љолес
Повратникот во Серија А, Парма, испушти голема шанса за втор триумф во елитата, откако „прокоцка“ водство од два гола и загуби од Удинезе со конечни 2-3 (2-0) во натпреварот од четвртото коло на стадионот „Енио Тардини“.
- Извештај од натпреварот:
„Млекарите“ водеа со головите на Дел Прато и Бони, истата предност ја задржаа и на полувремето, но потоа сѐ тргна во надолна линија за домаќинот. Херој на тимот од Удине е Французинот Флориан Товен, кој во вторите 45 минути постигна два гола и донесе важни три бода за својот тим.
Најпрво Лоренцо Лука намали на 2-1 во 49. минута, а потоа на сцената стапи Товен, кој ја однесе победата со погодоците во 68. и 77. минута. Парма доби уште поголеми проблеми кога Мандала Кеита доби втор жолт картон, па до крајот немаше сили да освои ниту бод пред своите гледачи.
Удинезе со оваа победа избива на чело на табелата. Тимот на Коста Рунјаиќ ја забележа третата победа во низа и има 10 бодови. Парма останува на четири освоени бодови и во следното коло ќе гостува кај Лече, додека Удинезе оди кај „волчицата“ од Рим.