ВИДЕО: Парма се тресеше од голчиштето на Фолоруншо, но извлече бод

Фудбалерите на Парма и Каљари ги поделија бодовите одигрувајќи 1-1 во рамките на 27. коло од Серија А на стадионот „Енио Тардини“. Гостите од Сардинија успеаја да ја прекинат серијата од три последователни победи на „млекарите“, а натпреварот го одбележа спектакуларниот погодок на Мајкл Фолоруншо од повеќе од 30 метри.

  • Извештај од натпреварот:

Првото полувреме не донесе многу возбудувања и мрежите мируваа до паузата. Во продолжението, монотонијата ја разби Фолоруншо, кој практично од десната аут-линија испрати прецизен удар од далечина и го изненади лошо поставениот голман Едоардо Корви за водство на Каљари од 0-1.

Парма потоа заигра на сè или ништо, преземајќи целосна иницијатива во нападот. Таквиот пристап им се исплатеше во 83. минута, кога резервистот Гаетано Ористанио по една одбиена топка реагираше најснаодливо и ја затресе мрежата за конечни 1-1.

По ова реми, Парма се наоѓа на 11. позиција со 33 бодови, додека Каљари е 13-ти со 30 освоени поени.