ВИДЕО: Парехо со ефектен гол ја реши „својата“ Валенсија и донесе триумф за Виљареал

Виљареал со 2-1 ја совлада Валенсија во пресметката од шестото коло на шпанската Примера. Натпреварот на „Естадио де ла Керамика“ беше изедначен, ама домаќинот беше поконкретен и заслужено на крајот се радуваше. Алкасер отвори од пенал, пред Гуедеш да одговори. Сепак, Дани Парехо го реши својот поранешен тим со ефектен гол. 

  • Извештај од натпреварот:

Уште во шестата минута Пако Алкасер доби можност да шутира од белата точка, поради невнимателен прекршок во шеснаесетникот. Шпанецот ја погоди мрежата за 1-0 на самиот старт. Предноста важеше до 37. минута, бидејќи Гонсало Гуедеш со одмерен удар од околу 20. метри го матираше Асенхо за 1-1. 

Сепак, во второто полувреме „лилјаците“ беа инфериорни  немаа многу шанси да стигнат до втор погодок. Ниту Виљареал не се изнаигра во офанзивна смисла, ама една мајсторија на Дани Парехо беше доволна за трите бода. 

Искусниот играч за врска од преку 25. метри, со одличен удар стрелаше за 2-1, а пречката му беше сојузник, па Доменек немаше шанса да одбрани. До крајот, Виљареал доби и црвен картон во 92. минута, кога Кубо ја доби втората опомена.