Пардју по само четири месеци си замина од Ден Хааг: „Ја ризикуваше својата глава...“

Англискиот фудбалски менаџер, Алан Пардју, по само неколку месеци ја заврши својата авантура во Холандија. Поранешниот предводник на Њукасл, Вест Хем, Кристал Палас и ВБА, кон крајот на минатата година ја прифати понудата за преселба во Ередивизие и да се обиде да го спаси од испаѓање тимот на Ден Хааг

Но, и под негово водство тимот не бележеше позитивни резултати. Извојува само една победа на осумте лигашки натпревари, но поради прекинот на шампионатот и следната сезона ќе се натпреварува во холандската елита, но без англискиот стратег. 

„Пред четири месеци Пардју ја ризикуваше својата глава и во тежок период го презеде тимот на Ден Хаг. Го почитуваме заради таа одлука и благодарни сме, но откако заврши сезоната заврши и нашата соработка“, велат од клубот. 

Во Холандија, покрај тоа што никој не испадна и никој не влегува во елитата, нема да има ниту шампиони, што значи дека оваа сезона ќе биде избришана од историјата.