ВИДЕО: ПАОК се надигруваше со големиот Ајакс, спектакуларно реми на „Тумба“

Прваците на Грција и Холандија, ПАОК и Ајакс одигра 2-2 во спектакуларен натпревар на „Тумба“ во Солун во рамките од второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите. 

  • Извештај од натпреварот: 

Не можеше подобро да започне натпреварот за холандскиот шампион. Зијеч во десеттата минута изведе скратен корнер, топката не ја зафати ниту еден фудбалер во гужвата и Пашалакис беше совладан (0-1). Половина час Ајакс доминираше, поседот на топката беше дебело на нивна страна, но во само една акција цела инерција на натпреварот се смени. Бисесвар повлече, Јанулис центрираше, а Чуба Акпом со удар со левата нога го совлада Онана за 1-1.

Холанѓаните не се ни созедоа, а примија уште еден гол. Бисесвар изведе слободен удар од десната страна, Лео Матос највисоко скокна и ја закова топката во гостинската мрежа (2-1). Ако беа малку поприсебни, Грците можеа да дадат уште некој гол до одморот, бидејќи имаа уште две големи шанси пред Камерунецот Андре Онана. 

Вториот дел започна со Хунтелар во игра и практично во првиот контакт со топката, несакајќи ветеранот постигна гол. Варела од пет метри се обида да ја расчисти опасноста, го погоди Хунтелар и од него топката заврши во мрежата на Пашалакис (2-2).

Грците паднаа во темпото, Ајакс целосно ја презеде средината на теренот и преку Хунтелар и Ван де Бек имаше две големи шанси за нов пресврт. Со влегувањето на повратникот, Словакот Штох во 79. минута португалскиот стручњак Фереира се обиде да ја размрда екипата, но ПАОК немаше енергија за ново водство.

Со финалните 2-2 може да бидат задоволни двете екипи. Возвратниот дуел се игра следниот вторник во Амстердам.