ВИДЕО: Пандевци со рутински триумф над Победа и голем исчекор кон опстанокот!

Академија Пандев

Академија Пандев ја надигра прилепска Победа во натпреварот од 29. коло на Првата македонска фудбалска лига. Струмичани беа многу подобар ривал и во многу важен натпревар за опстанокот во лигата, сосема заслужено славеа со 2-0 (0-0). Дуелот по ветровите време беше монолог на „пандевци“, посебно во вториот дел, во кој прилепчани играат со човек помалку. 

Васоски го остави Врдољак на клупата и шанса му даде на Матеј Цветановски. Победа, со изменет тим и двајца интернационалци од првата минута, започна рамниправно и дваесетина минути целосно парираше, а потоа сер повлече длабоко во своето поле. На средина од првиот дел се закани Велиновски, а потоа следеа 5-6 корнери на екипата на Васоски.

По половина час случајно му се укажа шанса на Ергелидѕе, по ударот на Акоста, но за малку задоцни. Во последните пет минути од првиот дел притисокот на Академија Пандев беше најсилен и како резултат на тоа дојде најзрелата шанса. Се играше 42. минута, кога Бојан Димовски проби по левата страна, го пронајде Матеј Цветановски, кој убаво биеше со левата нога, но неговиот удар заврши во пречката на немоќнито Дарко Тофилоски.

Академија Пандев фуриозно го започна второто полувреме. По одлична проиграна топка низ одбраната, голманот Тофиловски беше приморан да реагира, меѓутоа стартуваше врз противничкиот играч Ергелидѕе. Според правилата, судијата Стојанов од Штип му покажа директен црвен картон и прилепчани мораа да менуваат. Меѓу стативите за пеналот застана Дарко Котевски кој одлично прочита и успеа да го скроти ударот на Христијан Велиновски. Веднаш во следната акција, „пандевци“ имаа уште две шанси, меѓутоа двапати ја тресеа рамката од голот, по ударите на Цветановски и Велиновски. 

Мартин Георгиевски се закани во 54 минута со одличен удар, но топката мина крај десниот дирек на гостите. Потоа и Јанкулов имаше изгледна прилика, но соиграчите не го проследија неговиот шут и мрежата на Победа повторно мируваше. Христијан Велиновски конечно го „скрши мразот“ и со одлично пласиран удар со левата нога го отвори резултатот во 60. минута. Резултатот беше 1-0, а тоа им беше потребно на „пандевци“ кои малку ја стабилизираа играта по водечкиот погодок. 

Тренерот Васоски направи две замени во 65. минута и малку го освежи тимот, а стрелецот Велиновски не беше пресреќен кога мораше да го напушти теренот. Тоа вроди со плод и 18-годишниот Димитар Трајков постигна гол во само три минути подоцна. Цветановски одлично асистираше, а Академија Пандев тука го најави денешниот триумф. Десетина минути подоцна Кудијан падна во шеснаесетникот на Академија Пандев, но судијата само одмавна со рацете. Акцијата на Победа пред падот на Кудијан беше навистина убава. Веднаш потоа Трајков повторно биеше, но дирекот ја спаси Победа. Натпреварот потоа малку се смири, темпото се спушти, а тимот на Александар Васоски чекореше кон нова важна победа во ПМФЛ. Конечниот резулат беше 2-0 и сега струмичани се во многу покомотна зона кога се работи за опстанокот во елитата. 

Академија Пандев останува на деветтото место на табелата, но сега има 26 бодови и има седум бода предност во однос на Скопје кој има 19 бода. Ова е голем исчекор на струмичани кон опстанокот во лигата и можност да се одлепат од деветтата позиција, која ја држат подолго време. За прилепска Победа ова е единаесетти пораз во низа и се веројатен патник во ВМФЛ следната сезона.