ВИДЕО: „Пандевци“ нова жртва на Дарбо, Шкупи минимално до три бода во Струмица

Академија Пандев им се врати на старите навики и загуби на домашен терен од Шкупи (0-1). Чаирчани го освоија стадионот „Младост“ во рамки од деветтото коло во ПМФЛ и остана во чекор со водечката екипа на Шкендија.

Домаќинот беше подобар во првиот дел, а гостите атакуваа и стигнаа до победа во второто полувреме. „Пандевци“ притиснаа и комбинираа често пред голот на Наумовски. Прв се закани Велиновски кој од изгледна позиција биеше по земја, но беше спречен од гостинскиот голман, кој ја исфрли топката во корнер. 

Гостинот се обидуваше да го намали притисокот, но немаше многу успех во тоа. Струмичката екипа повторно промаши зицер, овојпат неуспешен обид имаше Крстовски. Тој беше последниот кој се закани пред судијата да означи крај на првите 45 минути.

Одговорот на Шкупи пристигна на самиот старт од продолжението. Се разигра Алварез, кој по еден центаршут од коронер одлично го пронајде Ламине. Сенегалецот не се покажа добро во офанзивна улога и промаши од неколку метри, иако околу него немаше ниту еден противнички играч.

По една навидум неопасна акција пристигна одлуката околу победникот. Алварез одлично втрча на левата страна и доби шанса да центрира. Тоа го направи на перфектен начин, а во шеснаесетникот највисоко скокна првиот стрелец во македонското првенство Дарбо и со глава го постави конечниот резултат.

Со цел да избегне пораз, Академија Пандев направи двојна офанзивна измена. Тоа донесе свежина, но не и посакувана завршница, бидејќи гостинската одбрана рутински ги задржа бодовите и обезбеди победа на ова гостување. Во следното коло, струмичани патуваат во Ѓорче Петров, а Шкупи на домашен терен игра со Силекс.