• Мартин Танасковски

Екипата на Академија Пандев имаше неславно деби во квалификациите за Лигата на Европа, затоа што на домашен терен убедливо загуби од Зрињски Мостар (0-3) и само чудо на гостински терен може да ја однесе во наредната рунда.
„Пандевци“ влегоа оптимистички, според ждрепката, го добија посакуваниот ривал, меѓутоа не беа воопшто опасни во клучните моменти од мечот. Зрињски, пак, играше полетно, доста создаваше шанси, па победата од три гола разлика е сосема заслужена. Реваншот во БиХ е за седум дена, меѓутоа, тешко дека македонскиот претставник ќе може да направи подвиг и да мине понатаму.
Зрињски уште од стартот на мечот диктираше темпо на игра, ја држеше топката и притискаше, а иницијативата донесе погодок во 12. минута, кога Хаџиќ беше осамен и со глава ја смести топката зад грбот на Чубраковиќ. За вториот гол на натпреварот се чекаше до 28. минута, кога Стојкоски промаши еден шут, па Зрињски тргна во контра која ја повлече Мандиќ, а потоа и сам ја реализира.
Академија Пандев немаше ниту една сериозна шанса во првиот дел, а слично почна и второто полувреме, затоа што македонскиот тим доста се мачеше да дојде до последната линија на противникот и да шутне кон голот на Бркиќ. Гостинот од БиХ победата ја потврди во 56. минута, со погодокот на Говедарица, кој одлично се ослободи од својот чувар и пласираше во небранетиот агол на Чубраковиќ.
До финишот на натпреварот, Академија Пандев имаше две шанси да го ублажи поразот, меѓутоа не успеа. Голманот на гостите Бркиќ немаше многу работа, затоа што само еден шут од вкупно 15 на Академија Пандев, завршија над голот. Реваншот меѓу Зрињски Мостар и Академија Пандев се игра за седум дена во Мостар.