„Пандевци“ не смеат да си дозволат нов кикс на „Чаир“

Најинтересниот натпревар во рамки од 16. коло во ПМФЛ се очекува да се одигра на „Чаир“. Шкупи ќе биде домаќин на второпласираната екипа на Академија Пандев, која четири кола по ред не знае за победа.

Чаирчани ретко испуштаат бодови на домашен терен, па тоа значи дека „пандевци“ ќе имаат долги 90 минути на ова гостување. Да искористеше два од четирите кикса во низа, струмичката екипа можеби сега ќе беше на врвот на табелата, со оглед на резултатите на лидерот Вардар. Наместо тоа, и дозволи на Шкендија да се доближи на само три бода на три кола до крајот на есенскиот дел од сезоната.

Шкупи од стартот на натпреварите во домашното првенство е во средниот дел на табелата. Само три бода го делат од четвртото место, но исто толку и од зоната за испаѓање. Доаѓањето на Ќатип Османи не промени големи нешта во редовите на екипата, која доминира во меѓусебните дуели со Академија Пандев.

Последни пет меѓусебни натпревари:

  • Академија Пандев - Шкупи 0-0
  • Шкупи - Академија Пандев 1-0
  • Академија Пандев - Шкупи 0-2
  • Шкупи - Академија Пандев 1-0
  • Академија Пандев - Шкупи 1-0

Дуелот во Скопје, заедно со останатите натпревари, започнува во 13:00 часот, а правдата ќе ја дели Марјан Ецкоски.