ВИДЕО: „Пандевци“ надиграни во Битола, нова пресврт-победа на Пелистер

Екипата на Пелистер ја запиша посакуваната победа во дербито за опстанок од 31. коло со Академија Пандев и сега и официјално обезбеди прволигашки статус и следната сезона. Во Битола, избраниците на Димитар Капинковски повторно покажаа квалитет и карактер, затоа што, иако имаа негатива од 0-1, на крај успеаја да направат пресврт и да освојат големи три бода (3-1). Човек на одлука на битолчани беше фантастичниот напаѓач Гудиаби, кој учествуваше во сите три гола на својот тим (две асистенции и еден гол), но фантастичен настап имаше и голманот Давор Талески, кој во финишот од првиот дел му одбрани пенал на Радески. 

Капинковски се одлучи за 3-4-3 формација и Размоски и Николовски од првата минута наместо Пејаковиќ и Кочоски. Васоски возврати со Миловановиќ во старниот тим, а Крстовски на клупата. Струмичани подобро отворија, ја имаа топката повеќе во нозете, но на првата шанса чекаа дваесетина минути. По акцијата на Миловановиќ, напаѓачот Кире Маркоски за малку задоцни во петте метри за да ја втурне топката во мрежата на битолчани.

Сепак, три минути подоцна по истиот терк Академија Пандев поведе. Шаркоски проби по десната страна, убаво додаде во средината, а Маркоски сега се најде на вистинското место и погоди за 0-1. 

Пелистер, кој во половина полувреме се обиде само со удари од далечина на Гудиаби и Маневски, првата зрела шанса ја имаше во 31. минута. По акцијата на Размоски, случајно топката дојде до Бошковски, кој не ја очекуваше и не успеа да шутира кон голот на Марко Јовановски. Струмичани имаа голема шанса да зголемат на 0-2 во 36. минута, кога по акцијата на Маркоски, неговиот партнер во нападот Марјан Радески биеше млако и пропадна ветувачка шанса на гостите.

Казна за промашувања фудбалерите на Васоски ги стигна во 41. минута. Гудиаби го пронајде Маневски, кој успешно избегна офсајд стапица, и со удар меѓу нозете на Јовановски израмни на 1-1.

Пред крајот на првиот дел „пандевци“ имаа најголема шанса да ја вратат предноста. Ставрев досуди најстрога казна заради влечење од Драгарски врз Маркоски, но ударот на Марјан Радески, домашниот голман Давор Талески го одбрани и сочува реми за пелистерци на полувреме.  

По промашениот пенал на македонскиот репрезентативец во финишот од првиот дел, на стартот од вториот следуваше нов шок за гостите од Струмица, затоа што Пелистер направи комплетен пресврт и поведе до 1-2. По нафрлената топка од слободен удар на Гудиаби, Ристе Илиојски од тешка позиција, со удар со глава на втора статива, донесе огромна радост на „зелено-белите“ и прво водство на Пелистер на овој меч (2-1).

По примениот гол на „пандевци“ не им остана ништу друго освен да со сите сили да тргне по нов погодок во Битола, но по неколкуте неискористени шанси, пристигна казната, а таа ја сервираше Гудиаби. Зимското засилување на пелистерци уште еднаш потврди дека неговото доведување во Битола е вистински потег на управата и тренерот, па со нов супер-гол со ударсо левата нога од далечина стави точка на натпреварот и ги постави конечните 3-1.

Пелистер крајот на натпреварот го дочека со играч помалку, затоа што Ристе Илијоски заработи исклучување во 75. минута, но Академија Пандев не го искористи ниту тоа, па трите бода заслужено останаа во Битола. 

Битолчани и математички останаа во лигата, па дури и можат да го нападнат петтото место на Работнички. Академија Пандев сама ја крои својата судбина во последните натпревари против Беласица и Борец.