ВИДЕО: „Пандевци“ конечно добија дерби и грабат кон опстанок во ПМФЛ

Финалистот Академија Пандев направи голем чекор кон обезбедување опстанок без бараж во ПМФЛ, откако во третото градско дерби ја совлада Беласица со 0-2 (0-2). Дуелот од 32. коло на македонскиот шампионат на „Благој Истатов“ беше решен во раната фаза, со два брзи гола на фаворитот. 

Беласица започна со млад состав и само со тројца поискусни фудбалери, а на спротивната страна Васоски изврши три замени во стартниот тим кој пред седум дена загуби во Битола. Во втората минута Велиновски изведе корнер од десната страна, одбраната на Беласица беше пасивна и Пановски со глава од неколку метри го матира Вулиќ (0-1).

Не поминаа ниту петнаесеттина минути, а фаворитот дојде до втор гол. Во казнениот простор на Беласица, Стојков играше со рака и главниот судија покажа на белата точка. Марио Крстовски го матира Вулиќ за комотни 0-2 по само четиринаесет минути игра.

Овој двоен удар ги погоди домаќините и само преку брзиот Демир, кој се обиде да го искористи излетувањето на Марко Јовановски, во 19. минути се закани по гостинскиот гол. Истиот фудбалер беше уште поблиску до погодок во 23. минута, кога по киксот на Манев, за малку биеше крај голот. Првиот дел заврши со удар на Каплачки во пречката на гостинската екипа и удар со глава на Радески, кој го одбрани Вулиќ. 

На почетокот од вториот дел Пеев своето место му го отстапи на Мијатовиќ и скоро цел тим на Беласица беше сочинуван од млади фудбалери. Темпото на игра опадна, а тоа целосно им одговараше на „пандевци“, кои не мораа да играат максимално за да се доближат до целта. Првата закана во продолжението ја имаше Крстовски, кој се обиде со пета од тешка позиција, но биеше многу непрецизно. 

Bо 61. минута пак Крстовски и Вулиќ имаа блиска средба, но српскиот голман од непосредна близина го одбрани ударот на фудбалерот на Академија Пандев. Стојчевски и Крстевски добија шанса кај „пандевци“, скоро и да немаше шанси во последната фаза од натпреварот и гостите лесно прокнижија три бода.

Во последното 33. коло Академија Пандев игра на домашен терен против Борец, а Беласица ќе се прости од Првата лига во Битола против Пелистер.