ВИДЕО: „Пандевци“ ја продлабочија кризата на Пелистер, во меч со три пенали и ефектен автогол

Продолжува лошата серија на битолски Пелистер. И по шест натпревари во низа е без победа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), откако попладнево во Струмица во самиот финиш испушти реми и загуби од Академија Пандев со минимални 3-2. Двете екипи доста мотовирано и отворено го започнаа натпреварот во „Спортскиот центар Пандев“, а домаќините уште при првата вистинска шанса го отворија резултатот и ја најавија денешната сигурна победа. 

По една долга акција Даниел Миловановиќ си создаде простор за удар и од преку 20 метри испрати проектил кон гостинскиот гол, кој беше неодбранлив за Давор Талески (1-0).

Радоста на домашните фудбалери не траеше долго, затоа што битолчани експресно се вратија во игра. Првиот стрелец на Пелистер, Анес Хот беше срушен во гостинскиот казнен простор, а Валентин Кочоски ја презеде одговорноста и го надмудри Алчевски од единаесет метри, за израмнување на „зелено-белите“ на 1-1.

По постигнатиот гол, момците на Штерјовски заиграа поангажирано и беа поблиску до втор гол, откако Хот и Талевски не реализираа изгледни шанси, но на полувреме со водство замина домашната екипа. Во 40. минута капитенот на пелистерци Христијан Драгарски го даде можеби најатрактивниот автогол оваа сезона во ПМФЛ, откако сакајќи да ја отстрани опасноста од пред својот гол, на ефектен начин од преку 20 метри го лобоваше Талески и ја врати предноста на домаќините на овој натпревар (2-1).

Пелистер нешто поконкретно и поофанзивно го отвори вториот дел. Штерјовски во игра го внесе искусниот напаѓач Борче Маневски, а по една нова грешка на домашната одбрана „зелено-белите“ повторно го израмнија резултатот. Голманот Алчевски задоцни со интервенцијата и го собори Бошковски, а и од вториот обид сигурен реализатор од удар од единаесет метри беше Кочоски (2-2).

Во продолжението битолчани како свесно да се повлекоа и дозволија домаќините да ја имаат топката и иницијативата, а својата шанса да ја чекаат преку контра напад или прекин. Но, овојпат тоа не им донесе резултат, затоа што во 87. минута Радески беше сигурен реализатор на најстрогата казна и донесе заслужена победа на Академија Пандев од 3-2.

Со овој пораз Пелистер останува на деветтата позиција на табелата со 12 бода, само два повеќе од денешниот ривал, кој по триумфот направи скок од едно место и сега е на десетти.