Пандев типува: Интер пред Лацио во директната борба за ЛШ

Пандев Интер

Овој викенд на програмата е последното коло во Серија А, а еден од најинтересните натпревари ќе го одиграат двете поранешни екипи на Горан Пандев, Интер и Лацио. Императив за „неразурите“ е победата со која би обезбедиле пласман во Лигата на шампионите (ЛШ) наредната сезона.

Запрашан за исходот од овој меч, македонскиот напаѓач изјави дека срцето му вели дека тимот од Милано ја има фаворитската улога.

„Моето срце вели дека фаворит е Интер. Нема што да загуби. Се чинеше дека се е загубено по поразот од Сасуоло, но сепак има шанса да се најде во Лигата на шампионите. За да го направи тоа ќе мора да ја контролира средината од теренот каде Лацио има неколку фудбалери кои можат да бидат многу опасни. Интер не мора да брза и би требало да ја чека вистинската прилика за гол. Икарди би можел да биде човекот на одлука. Од друга страна, Малинковиќ-Савиќ прави огромна разлика за Лацио, изненаден сум од неговиот напредок оваа сезона“ , вели 34-годишниот член на Џенова.

Со евентуален триумф, фудбалерите на Лучијано Спалети ќе се израмнат по бројот на бодови со својот ривал, но поради подобриот скор во меѓусебните средби ќе завршат на четвртата позиција на табелата.