Пандев: Присуството на шампион како Роналдо е добро за италијанскиот фудбал!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, заедно со своите соиграчи од Џенова веќе неколку дена под полна пареа се подготвуваат за новата сезона на италијанскиот шампионат. 

Искусниот напаѓач, кој можеби ја игра својата последна сезона, денес уште еднаш потврди дека кариерата сака да ја заврши во најстариот италијански клуб, а даде и свое мислење за трансферот на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид во Јувентус. 

„Тука се чувствувам како дома и навистина сакам кариерата да ја завршам во Џенова. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона, а за тоа потребни се квалитетни подготовки. Што се однесува до трансферот на Роналдо, мислам дека присуството на шампион како него е добро за италијанскиот фудбал“, изјави нашиот капитен. 

34-годишниот Пандев од 2015 година е дел од тимот на Џенова. Досега одигра 67 натпреври, на кои постигна осум гола.