Пандев: Наполи ми е во срцето, може да го освои Скудетото оваа година

Пандев Горан Наполи

Екипата на Џенова и Горан Пандев, утревечер на својот „Луиџи Ферарис“, ќе го пречекаат лидерот во Серија А, Наполи. Тимот на Маурицио Сари игра како во транс на стартот од новата сезона и е кандидат да го замени Јувентус на врвот од италијанскиот фудбал.

Македонскиот репрезентативец ќе има можност да се соочи со својот поранешен клуб, за кој вели дека сè уште му е во срцето и се надева дека токму Наполи ќе го освои Скудетото оваа година.

„Наполи е одлична епизода во мојата кариера, таму поминав добри три години. Поминав одлично време под водство на Мацари и Бенитез, а сега можам да кажам дека Наполи го игра најубавиот фудбал во Италија. Тоа е мојот втор дом. Доаѓањето на Мертенс и Каљехон го зголеми победничкиот менталитет на тимот. Тука е и Инсиње кој е шампион, а за тоа зборуваат бројките зад неговото име. Мислам дека оваа година екипата е на вистинскиот пат да го освои Скудетото. Фудбалери кои играат таков фудбал не треба да се задоволуваат со освојување само на титулата во Купот на Италија“ , изјави Пандев.

Неговата Џенова моментално не се наоѓа на посакуваната позиција на табелата, по бавниот старт на сезоната. Утрешниот меч против фаворитот Наполи би можел да послужи како тест за вистинскиот потенцијал на фудбалерите на Иван Јуриќ.