• Иван Димовски

Македонската фудбалска икона, Горан Пандев, во својата богата кариера мина неколку сезони играјќи за Наполи. Неговиот поранешен клуб годинава игра во врвна форма, без пораз е на двата фронта, но покажува и добра игра. По вчерашната победа на „партенопеите“ со пресврт кај Ајакс од 1-6, струмичанецот зборуваше за италијанските медиуми.
Тој нагласи дека според него, Наполи го игра најдобриот фудбал во Европа во овој момент, а посочи дека се надева и на трофеј под Везув.
„Среќен сум за Наполи, тие го играат најдобриот фудбал во Европа. Начинот на кој играат не е лесен. Се надевам дека ќе продолжат со ова темпо. Во Лигата на шампионите сите се посветени на теренот, а тоа му помага на тимот кој има брзи и технички потковани фудбалери. Дефанзивците вршат одлична работа, а исто така и средината на теренот. Се надевам дека Наполи ќе донесе трофеј во својот град, тоа многу ќе значи за луѓето таму“, кажа Пандев.
По три кола во Лигата на шампионите Наполи има девет бода, тринаесет постигнати и само два примени гола. Одлично на момците на Спалети им оди и во првенството, каде што по осум рунди се израмнети на врвот со Аталанта со по 20 бода.
Во редовите на Наполи настапува и македонскиот „дијамант“ Ељиф Елмас. Сезонава момчето од Скопје настапи на сите средби на тимот главно како резерва, а постигна еден гол.