Пандев: Мурињо ни рече дека ќе го победиме Милан со девет фудбалери и тоа се случи

Горан Пандев против Милан

Македонскиот напаѓач и поранешен член на Интер, Горан Пандев многу добро знае како е да се биде човекот на одлука во дерби натпреварите со лутиот градски ривал, Милан.

Во времето на Жозе Мурињо на клупата на „неразурите“, нашиот репрезентативен капитен често добиваше шанса, а неодамна направи интервју со „Кориере дело Спорт“, во кое зборуваше за фамозното „Дерби дела Мадонина“ од 2010 година, во кое неговиот тим победи со девет фудбалери на теренот.

„Ако сте обединет тим, ќе победите на дербито и со девет фудбалери. Тоа ни го кажа Жозе Мурињо за време на дуелот против Милан во кој останавме со двајца играчи помалку. Таа сезона имавме неверојатен тимски дух, кој го градевме во соблекувалната, слушајќи ги зборовите на Мурињо, или пак, Занети. Интер е еден од најголемите светски клубови, тежината да се носи тој дрес е огромна. И ако дадете сѐ од себе, навивачите ќе знаат како да го наградат тоа. Во спротивно, вие ќе бидете нивната цел. И во тој момент ќе се почувствувате како да играте во гости“ , изјави Пандев.

На тој меч исклучени беа Весли Снајдер и Лусио, а победата од 2-0 ја потврди токму македонскиот фудбалер со прекрасен гол од слободен удар. 

Овој викенд се игра 292. по ред дерби во кое Милан ќе ја има улогата на домаќин на „Сан Сиро“.