Пандев: Јас не сум фудбалски Бог, играњето за Македонија за мене е светост

Сонот на Горан Пандев е остварен. Македонија ќе игра на едно Европско првенство во фудбал, и тоа со „Гранде Пандев“ како лидер. Нашата најдобра фудбалска селекција се подготвува за историскиот момент в недела на „Националната Арена“ во Букурешт, а Пандев, скромен како и секогаш, зборуваше за овој голем успех и што очекува на овој собир. 

Тој вели дека не е фудбалски бог, туку дека играњето за Македонија е негова светост и е среќен што конечно е остварен сонот на сите генерации македонски фанови.

„Јас не сум фудбалски Бог, само сум среќан што го остварив сонот на многу генерации во Македонија, а особено мојот. Играњето за Македонија за мене е светост. Со гордост го носам овој дрес и овој шал. Искрен сум пред себе, многу ја сакам мојата држава и овој дрес. Плачев многу. Плачев за себе и за целата селекција. Ова е најголем успех во нашата историја. Убеден сум дека ќе ја поминеме групата, а и цела селекција верува во тоа. Дали сме во право, времето ќе покаже“, вели Пандев.

37-годишниот напаѓач на Џенова се очекува да биде предводник на нашата селекција на дебитантскиот натпревар в недела против Австрија (18:00).