Пандев: Интер немаше среќа, играта со рака на Ван Дајк беше пенал...

Интер загуби вторпат во низа во Лигата на шампионите, овојпат од Ливерпул (0-1) на својот „Џузепе Меаца“. Решавачки беше пеналот кој го направи Алесандро Бастони со повлекувањето на Флориан Вирц.

Одлуката на судијата Феликс Цвајер да покаже на единаесет метри по преглед на ВАР снимката крена огромна прашина, а се зборува многу и за играта со рака на Ван Дајк по еден удар на Турам.

Еден од стручните аналитичари на „Скај Спортс“ за Лигата на шампионите беше Горан Пандев, кој го сподели своето мислење и кажа:

„Интер немаше среќа, веројатно не заслужи да загуби по така добар натпревар. Сепак, ова е Лига на шампионите, тука судијата носи одлука и тоа е тоа, иако не заслужија пораз. Според мене, играта со рака на Ван Дајк беше пенал. Судијата не досуди ништо, комуницираше со ВАР и тие анализираа, ама немаше промена. Интер немаше среќа ниту со повредите, дефинитивно не заслужија да загубат“.

Горан Пандев е поранешен освојувач на Лигата на шампионите со Интер, поточно Македонецот беше дел од тимот кој ја освои фамозната „триплета“ во 2010 година.