„Пандев ги дриблаше сите на тренинг, технички беше чудовиште!“

Приказната за тоа како Горан Пандев пристигна во Интер повторно е актуелна тема во Италија, откако синот на легендата на „нероазурите“ Алесандро Алтобели, Матија во интервју за „inter-news.it“ се врати 20 години назад и откри интересни детали поврзани со најдобриот македонски фудбалер. 

Во тоа време Матија бил соиграч на Пандев во младинските категории на Интер, а вели дека изборот на клубот требаше да биде Стојков, но... 

„На подготовките на младинската екипа на Интер таа 2001 година дојдоа десетина странски фудбалери, меѓу кои Пандев и Стојков. По медиумите се пишуваше дека Стојков е изборот на Интер, а Пандев е повеќе за да му прави друштво. Но, по само два тренинзи ги дриблаше сите како да се скијачки врати. Технички беше феноменален. Заедно со Обафеми Мартинс ни донесе титула во младинскиот шампионат на Италија. Посилниот требаше да биде Стојков, но не одигра ниту еден натпревар, бидејќи често се повредуваше. Пандев кој не беше планиран за Интер ни донесе „триплета“. Тој е извонредно момче, многу скромен. Среќен сум што игравме заедно во таа младинска екипа на Интер“, вели Алтобели.

Пандев со Интер го направи најголемиот успех во својата богата клупска кариерата, откако триумфираа во Лигата на шампионите, Серија А и Купот на Италија.