Пандев: Физички се чувствувам одлично, но планирам пензија по ЕП

Џенова двапати се враќаше од негатива за да освои бод против Беневенто на домашен терен во рамките од 32. коло на Серија А (2-2). Нашиот ас испиша нова страница во својата волшебна кариера и „раситни“ сто гола во најсилната италијанска лига.

По натпреварот Пандев откри дека физички одлично се чувствува, но планот му е да се пензионира по Европското првенство.

„Жал ми е што не победивме, но Беневенто одигра добар натпревар и се одбрани. Мораме да ја вратиме формата, бидејќи уште не сме обезбедиле опстанок. Среќен сум за јубилејот од сто гола во Серија А. Никогаш не се надевав дека ќе ја достигнам оваа бројка. Во овој период играв на повеќе позиции, не само како напаѓач, туку и како страничен фудбалер. 

Мојата идеја е да се повлечам по Европското првенство, но физички добро се чувствувам. Се надевам дека во добра форма ќе дојдам на шампионатот на Европа, но мора да признаеме дека младите трчаат“, рече Пандев.

Рекордите кои ги постави Пандев во Серија А уште долго се недостижни за македонските фудбалери во најсилните европски лиги, а дури и од ѕвездите од поранешните југословенски простори никој не ја пробил границата од сто гола на првенствени натпревари во Италија.