Пандев: Бевме исплашени пред Германија, цел ни беше да одиграме 0-0...

Пандев

Горан Пандев замина во репрезентативна пензија како еден од најдобрите репрезентативци на Македонија во историјата. Со најмногу настапи и гола зад своето име, како и историскиот погодок во Тбилиси кој ја однесе репрезентацијата на Европското првенство, 37-годишникот моментално е на заслужена пауза.

Следна одлука за ветеранот е дали да продолжи во клупскиот фудбал. Понуда има да остане во Џенова уште една сезона, но засега нема конкретни информации околу неговата иднина.

Најголемиот триумф во последните неколку години македонската селекција го запиша на гости кај Германија. Пандев за „Dnevnik.si“ откри какви биле очекувањата на фудбалерите пред мечот.

„Да бидеме фер, бевме исплашени пред натпреварот, бидејќи никој не веруваше во успех. Нашата цел беше да одиграме 0-0. Потоа ни се укажа шанса и ја зграпчивме со двете раце“, открива напаѓачот.

Ељиф Елмас го постигна погодок за победа во завршницата од дуелот во Дуизбург. Тоа донесе огромна радост во нашата држава, а фановите добија дополнителна причина да бидат возбудени пред европскиот шампионат.