Пандев: Беше забавно и братски на теренот со златната бугарска генерација!

Емотивно беше да се видат на терен со капитенските траки на рацете двата поранешни европски прваци, Христо Стоичков и Горан Пандев. Двајцата ги водеа ветеранските селекции на Бугарија и Македонија во хуманитаниот натпревар во Варна. Македонија славеше со 2-3, а комплетниот приход е за семејствата на трагично загинатите во несреќата во дискотека во Кочани.

Горан Пандев не го криеше одушевувањето од идејата и гостопримството.

„Сакам од името на Македонија, од името на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија да ви се заблагодарам. Прво на најголемиот, Христо Стоичков, па на сите останати за прекрасната организација. За нас беше чест да играме со најдобрата генерација на бугарскиот фудбал. Се надевам дека ќе ни бидете гости во Македонија, да можеме да се оддолжиме. Се забавувавме, игравме како браќа и беше одлично искуство за сите нас.

Ни се случи голема трагедија, никогаш повеќе тоа да не се повтори. Со оваа иницијатива сакаме да помогнеме, затоа што спортот е најголем амбасадор“, заврши Пандев. 

Резултатот на овој натпревар секако беше во втор план. Оваа средба покажа дека спортот уште еднаш ги обедини ѕвездите од Бугарија и Македонија за да помогнат по оваа трагедија.