Пандев: Беше прашање на време кога Интер пак ќе биде шампион

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев беше дел од најуспешната генерација на Интер која во 2010 година ги обедини трите најважни трофеи - Серија А, Купот на Италија и Лигата на шампионите.

Актуелниот член на Џенова за „Газета дело спорт“ говореше за освоената титула на тимот од Милано под водство на Антонио Конте и кажа дека првото место на Интер е сосема заслужено.

„Му честитам на Интер, прашање на време беше кога пак ќе е шампион. Ова е заслужен успех кој дава голема радост на навивачите“, кажа Пандев.

Тој говореше и за нивната меѓусебна пресметка во февруари, кога Интер славеше со 3-0.

„Жалам што со Џенова не успеавме да дојдеме до резултат со Интер. Сепак, тешко е кога играш против шампионот на Италија“, додаде македонскиот фудбалер.

Интер се врати на тронот по една деценија и ја прекина доминацијата на Јувентус во калчото кој имаше девет титули во низа и беше неприкосновен во последните години.