Панчев за финалето во Бари: За голгетерите секој гол е ист, но тие пенали...

Крајот на месец мај секогаш буди убави спомени за навивачите на Црвена Звезда. На денешен ден во 1991 година, „златната генерација“ на Петровиќ ја покори Европа и го освои тогаш Купот на шампионите. А, ѕвезда во финалето беше нашиот Дарко Панчев.

„Златната копачка“ од Македонија во финалето против Олимпик Марсеј во Бари го даде решавачкиот пенал и ги фрли сите што ја сакаа „црвено-белата“ боја во делириум. Во шампионската сезона Звезда покрај од Марсеј беше подобра и од Грасхоперс, Глазгов Ренџерс, Динамо Дрезден и Баерн Минхен.

„Почетокот ни беше најтежок, Грасхоперс беше исклучително добар тим. Потоа следеше двомеч со Глазгов, посебно добар беше мечот во Белград, па дојде Динамо Дрезден, кој можеби не беше атрактивен како Баерн Минхен, арно ама се соочивме со германски менталитет. Финалето со Олимпик Марсеј не беше најсјаен натпревар, а ривалот беше врвен, тоа го покажаа и во наредните сезони во Европа. Но, важно ни беше што го освоивме трофејот, добро е да одиграш лошо, а да освоиш трофеј. Гледаме од денешна точка колку е тешко да се освои Лигата на шампионите. Отсекогаш сум велел дека за голгетерите секој гол е ист, ама пеналите во Бари за мене се нешто посебно во кариерата“, вели Панчев.

Македонецот вели дека често се потсетува на старите натпревари, арно ама финалето од Бари не му е омилено, затоа што се работи за дуел кој не е атрактивен за гледање.

„Го гледам финалето, затоа што има повеќе скратени видеа. Ги сакам старите натпревари. Можеби финалето не е најатрактивниот натпревар за гледање, па затоа него го пуштам најретко. Во него имаше тактичко надигрување. Имавме многу поубави и повозбудливи натпревари од него, со фантастично навивање, така што знам да ги пуштам некогаш мечевите. Се работи за убави спомени, кога имам време, секако дека го гледам нашиот пат до трофејот“, додава тој.

Фудбалерот на векот во Македонија ги заврши настапите во Европскиот куп со пет постигнати гола, а најдобриот дуел му беше против швајцарски Грасхоперс, против кого постигна еден погодок, а изнуди уште два пенали. На листата на стрелците во шампионската сезона, Панчев беше зад Папин од Марсеј и Пакулт од Тирол кои имаа по шест погодока.