• Саше Љолес
Фудбалерите на Црвена Звезда се изборија за учество во групната фаза од Лигата на шампионите и ќе бидат дел од елитното натпреварување, а свој коментар за овој успех даде и нашата легенда, Дарко Панчев.
Популарниот „Кобра“ има само пофални зборови за управата на „црвено-белите“ и смета дека челните лица вршат одлична работа за развој на клубот и за успешни резултати во меѓународни рамки.
„Работите во фудбалот се менуваат секојдневно, сега е многу тешко да се обезбеди пласман во групите од Лигата на шампионите. Фудбалот зависи од парите, времињата се такви. Порано имавме силни источноевропски клубови и беше тешко да се задржат добрите млади играчи, но сега тоа повеќе не е така.
Звезда во моментов врши одлична работа за промоција на клубот во меѓународни рамки. Пласманот во елитниот ранг ќе донесе големи финансиски средства и прекрасни натпревари за гледање.
Во претходните осум години Звезда постигна одлични резултати, а тоа е благодарение на директорот Звездан Терзиќ и спортскиот директор Митар Мркела, како и остатокот од управата. Сите демонстрираа перфектна работа и целосен фокус на предизвиците“, изјави Панчев.
Европскиот шампион од 1991 година ќе ја има привилегијата да настапува во новиот формат од Лигата на шампионите, а според распоредот, првиот меч ќе го одигра на домашен терен против Бенфика на 17 септември.