• Горан Упале
Легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев во пресрет на денешното големо белградско дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан зборуваше за очекувањата од дуелот, но и за битката за шампионската титула.
Панчев смета дека е премногу рано да се зборува за титулата, иако Црвена Звезда во дербито влегува со бодовна предност. „Црвено-белите“ по пет одиграни натпревари имаат максимални 15 бода, а денеска ќе го одиграат 180. „вечно дерби“ против Партизан.
„Многу е рано сега да се зборува за титулата. Црвена Звезда е фаворит и очекувано се оддалечи од Партизан. Црвено-белите сега имаат малку поголема предност, но сè уште треба да се занимаваме со тимот на Партизан“, вели Панчев.
Популарниот „Кобра“ кажа и неколку збора за новиот тренер на шампионот.
„Не знам зошто Риера не е доведен пред шест месеци или една година, кога за првпат се споменуваше како опција. Мислев и тогаш дека тоа е добро решение, од проста причина што навистина шпанските тренери во последните 15-20 години прават најдобри резултати. Каде и да работеа стручњаци од земјата на европскиот и светскиот првак, нивните екипи играа добро и имаа успешни резултати. Се надевам дека и Риера ќе биде успешен со Црвена Звезда. Потребно му е време, сепак е тоа нова средина, нови играчи, веројатно не ги познава сите уште. Ангажирањето на Риера е добар потег, само треба да се биде трпелив, добро да се соработува со него. Важно е управата да му ги исполнува желбите околу играчите, ако е можно, односно ако не се прескапи. Тој многу брзо ќе дојде до она што го сака“, додаде македонскиот напаѓач.
За самиот натпревар, Панчев очекува вистинско дерби, без разлика на тоа што во двата тима денес има многу странски фудбалери.
„Мојата генерација беше силно мотивирана за дербињата. Сите што играа во Звезда и Партизан ги сфаќаа многу сериозно меѓусебните пресметки и не мислеа на ништо друго освен на фудбалот. Повеќето играчи тогаш беа од регионот, сега има многу странци. Колку се тие добри, ќе се покаже, но јас сум сигурен дека ова дерби е исто“, истакна Панчев.
„Вечното“ дерби на српскиот фудбал се игра вечерва од 19:00 часот на „Рајко Митиќ“, а за тренерот на домаќините Алберт Риера ова ќе биде прва пресметка со големиот ривал.

