Панчев: Не се плашевме за животите во Загреб, Бобан реагираше непрофесионално!

Македонската легенда Дарко Панчев беше дел од толку озборуваниот натпревар во Загреб за кој сите веруваат дека беше почеток на крајот на Југославија.

Црвена Звезда му гостуваше на Динамо Загреб, а мечот беше прекинат поради дивеење на двете навивачки групи. Инцидентот наводно беше планиран, Звонимира Бобан постапи неадекватно како спортист и удри полицаец, а сите фудбалери беа повлечени во соблекувалната и не беа свесни што навистина се случува на теренот.

Нашиот голгетер во едно од интервјуата се потсети на денот кога се случи овој натпревар и објасни негово гледиште на целата ситуација.

„Немаше никакви најави дека мечот би можел да биде прекинат. Не се чувствуваше тензија при нашиот престој во Загреб. Се изгледаше нормално додека не се случија инцидентите на трибините и влезот на навивачите на терен. Сите ние се повлековме во соблекувалната и не знаевме што се случува.

Бобан постапи непрофесионално и беше понесен од моментот. Секому може да му се случи таква грешка. Потоа сите зборувавме дека тоа беше лош момент за југословенскиот фудбал и дека можеше да заврши уште полошо“, вели популарната „Кобра“.

Во хрватската престолнина гостуваа околу 2.500 навивачи на Звезда, кои беа пречекани на непријателски начин. Популарните „Бед Блу Бојс“ ја турнаа оградата на северната трибини и тргнаа во пресметка со своите ривали, што беше најава за општиот хаос кој се случи на денешен ден пред точно 30 години.