• Иван Димовски
Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев во интервју за српскиот „Дневни спортски лист - Спорт“ зборуваше на повеќе теми. Една од нив беше и македонската репрезентација која води мундијалска борба преку квалификациите.
Панчев смета дека Македонија има добар континуитет и не ја криеше желбата да се пласираме на Светското првенство.
„По мундијалските квалификации Македонија ќе игра бараж, а тоа се должи на добрите резултати досега. Имаме реални шанси да бидеме и втори во групата со Белгија и Велс, така што Македонија има добар континуитет во последните седум-осум години. Би било убаво така да продолжи, а и првпат да се пласира на едно Светско првенство, бидејќи за тоа има објективни шанси. Тоа би било феноментално, дај Боже да се случи...“, изјави Панчев.
Македонија до крајот на квалификациите игра само уште против Велс на гостински терен во Кардиф на 18 ноември. Нашата репрезентација има три бода предност во однос на Велшаните, ама и натпревар помалку. На 15 ноември Велс му гостува на Лихтенштајн, а за нас е важно да не победи со повеќе од пет гола разлика.
