• Горан Упале
Легендарниот Дарко Панчев има само пофални зборови за Матеј Гаштаров по одличниот настап на младиот Македонец во големото белградско дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан.
Гаштаров одигра одлично во победата на „црвено-белите“ со 2-1, а неговиот квалитет го забележа и Панчев, кој посебно го истакна начинот на кој младиот фудбалер ја чита играта.
„Во Црвена Звезда ми се допаднаа неколку играчи, но особено ме импресионира младиот Матеј Гаштаров. Ме потсетува на Серхио Бускетс. Има извонредна интелигенција, а неговиот напредок е добар и за Црвена Звезда и за македонскиот фудбал“, изјави Панчев.
Гаштаров, кој има само 19 години, во дербито беше стартер и одигра цел натпревар, а во 27. минута изнуди пенал од кој Црвена Звезда стигна до победничкиот гол.


