Панчев го анализира регионот и порача: Македонија може да е втора!

Поранешниот македонски репрезентативец и легендарен голгетер Дарко Панчев повторно се осврна на актуелната состојба во фудбалските репрезентации на земјите од поранешна Југославија, коментирајќи го нивниот настап во тековните квалификации за Светското првенство 2026 година.

Во интервјуто за српскиот весник „Спорт“, Панчев со реален, но и оптимистички тон го оцени напредокот на поединечните селекции, притоа нагласувајќи дека регионот располага со голем потенцијал кој треба подобро да се искористи. Според Панчев, Македонија останува најпријатното изненадување на овие квалификации.

„Македонија ќе игра бараж по добрите резултати во досегашниот дел од квалификациите и другите мечеви во Лига Нации. Има реални шанси да биде втора во групата, зад Белгија и пред Велс, затоа што Македонија има добар континуитет во последните седум до осум години. Секако би било убаво тоа да продолжи и Македонија за првпат да се пласира на Светското првенство, затоа што за тоа има објективни шанси. Тоа би било фантастично и дај Боже тоа да се случи“, изјави „Кобрата“.

Кога станува збор за Црна Гора, Панчев смета дека тимот се наоѓа во резултатска криза која трае веќе подолг период.

„Црна Гора е во некој пад на репрезентативен план, веќе неколку години наназад покажуваат слаби резултати. Тие веројатно знаат зошто е тоа така и им посакувам што побрзо да се вратат во некој нормален колосек, отколку овој сега,“ истакнува Панчев.

Хрватска, како што вели, останува пример за тоа како се гради континуитет и систем во репрезентативниот фудбал.

„Хрватите веќе со години играат на високо ниво. Тоа не е случајност, туку резултат на долгорочна визија и организација. Тие знаат што сакаат и како да го постигнат тоа, и поради тоа се редовно меѓу најдобрите на светските првенства,“ додава Панчев.

Сосема различна е ситуацијата во Србија, која според него не успева да го претвори индивидуалниот квалитет во тимски резултат.

„Кога станува збор за српската репрезентација, објективно, тие изгубија голема шанса за пласман на Светското првенство, но и за плејофот. Не знам зошто, но незадоволството од настапот на српската репрезентација трае веќе долго време. Не можам да најдам некоја посебна причина зошто е тоа така. Тие сигурно имаат добри играчи, можеби немаат особено квалитетен тим, но дефинитивно можат да бркаат и да освојат место на големо натпреварување. Сепак, луѓето што ја водеа и Федерацијата и екипата најдобро го знаат тоа. Тие можат да одговорат на сите прашања.“, анализира Панчев.

Говорејќи за Босна и Херцеговина, Панчев изрази жалење што оваа репрезентација, и покрај талентираниот состав, не успева да го повтори успехот од 2014 година кога настапи на Светското првенство во Бразил.

„Босна и Херцеговина имаше одредени шанси. Теоретски тие сè уште постојат, меѓутоа, нема начин Босанците да се искачат на добро ниво, и покрај фактот дека имаат или имале многу добри играчи во репрезентацијата. Нема начин да се вратат на нивото на кое играа на Светското првенство во Бразил со Папе Сушиќ.“, истакна тој.

Конечно, за Словенија, Панчев забележува дека минува низ фаза на транзиција и промена на генерации, но очекува брзо закрепнување.

„Словенија исто така има мал пад кога станува збор за репрезентацијата. Ова веројатно се должи на смената на генерациите, но сето ова е нормално во фудбалот. Словенците се сериозни кога станува збор за работата и верувам дека брзо ќе се вратат на патеките по кои одеа пред неколку години.,“ додава Панчев.

Македонија во последниот меч од квалификациите за СП 2026 гостува во Кардиф кај Велс во месец ноември. Овој директен дуел ќе го даде освојувачот на второто место. Нашиот национален тим може да е втор со реми ако Велс не го победи Лихтенштајн со најмалку шест гола разлика, а доколку тоа се случи, тогаш ќе ни биде потребна победа да сме втори, место кое носи подобра позиција во баражот.