Панчев: Германците докажаа дека се најпаметни, обидот за Суперлига беше грешка!

Светските фудбалски великани сакаа да го „заробат“ фудбалот, да направат своја Суперлига во која ќе играат само најквалитетните. За среќа на најпопуларниот спорт во светот, целата идеја пукна како балон за нешто повеќе од 48 часа, откако десет од дванаесетте „формирачи“ се откажаа по голем притисок на навивачите.

Фудбалерот на 20-от век во Македонија, Дарко Панчев, за Gol.mk ја коментира целата идеја и смета дека формирањето на Суперлига ќе беше сосема погрешно и неправедно за фудбалот, затоа што не е коректно кога парите заземаат позиција во спортот и диригираат кој каде и како ќе игра.

„Мое мислење е дека апсолутно погрешен беше потегот што тие гиганти го направија, затоа што фудбалот е создаден за сите категории на луѓе и тој е за сите земји. Фудбалот се обожувал и кога немало пари, а се обожува и сега кога има пари, но тоа не значи дека треба парите да го расипат и уништат фудбалот. Ама, за жал тоа се случува во последно време. Тоа е доказ и за овој потег кој што сакаа да го направат. Каква е логиката во која на 12 екипи ќе им поделиш толку пари, а кон другите да се однесуваш како во останатите земји да нема фудбал?“, вели Панчев.

Некогашниот голгетер и самиот е сведок на еден момент, кога со Црвена Звезда пред распадот на Југославија стана европски шампион. Патот до тронот водеше преку Грасхоперс, Глазгов Ренџерс, Динамо Дрезден, Баерн Минхен и Олимпик Марсеј, во тогашниот Куп на Европските Шампиони.

„Така е, со оваа Суперлига ќе беа уништени чудата и убавините кои фудбалот ни си сервира со таквите победи. Фудбалот за разлика од другите спортови дозволува некогаш послабиот да го победи подобриот. Се работи за таков спорт. И јас, искрено, очекував ваква реакција од јавноста и публиката и бев убеден дека ќе се растури тој посакуван систем. Не очекував толку брзо да биде се, арно ама така сметав и стојам на тој став“, додава популарниот „кобра“.

Според Панчев, најголемиот притисок за распад на Суперлигата го направија навивачите, кои цврсто застанаа против овој проект, иако се работи за нивните омилени клубови кои ќе имаа голема финансиска заработка и ќе играа со гиганти, наместо со „помалите“ на европско ниво.

„Најголем притисок во овој момент против Суперлигата направија навивачите. И тоа навиваите на чии клубови треба да играат во таа лига. Гледате, каков интересен потег. Не се бунеа навивачите на оние кои не се поканети затоа што нема да добиваат дел од тој колач, туку на оние кои играа, што е раритет. Тие сфатија дека фудбалот може многу да загуби доколку се формира Суперлигата. Не говориме тука за некој друг, туку за оние фудбалски великани кои беа „за“ таа Суперлига. Не е дека УЕФА ќе беше губитник ако се формираше оваа лига, фудбалот секако дека ќе се адаптираше на новата ситуација и другите екипи ќе најдат начин да ги подобрат своите екипи и фудбалот пак ќе си го најдеше своето место. Најмногу ќе загубеа оние кои сакаа да формираат Суперлига, поради гневот кај нивните навивачи“, смета „Златната копачка“ од Македонија. 

Како најдобар пример, Панчев ги посочи Германците. Борусија Дортмунд и Баерн Минхен цврсто застанаа против оваа Суперлига, во која оние 12 екипи кои требаше да играат, се во огромни долгови. Некогашниот голгетер го цитираше и Карл Хајнц Румениге, кој им кажа на сите како да ги намалат долговите, наместо да формираат Суперлиги и да одат против УЕФА.

„Точно е дека клубовите во овој период корона-загуби имаат загуби, но Германците уште еднаш излегоа како најпаметни. Еве еден пример зошто Германците секогаш се најдобри и дока дека многу се паметни. Румениге убаво им кажа на сите оние кои сакаа да играат Суперлига: „Ако имате загуби, намалете ги платите и трошоците“. Самите клубови се виновни затоа што направија огромни трошоци, делеа големи плати и правеа трошоци. Тие сега мора сами да си го најдат решението во сопствениот двор, а не во формирање на некаква Суперлига. Парите е јасно дека може да го упропастат фудбалот, тие великани сами си се виновни. Зошто еден клуб на пример како Баерн Минхен го нема тој проблем, кој го имаат оние кои сакаа ново натпреварување?“, вели Панчев.

Според Македонецот, заканите кои ги испрати УЕФА преку претседателот Александар Чеферин, заедно со ФИФА, се сосема оправдани.

„Постапката на УЕФА и позицијата која ја зазема оваа институција е оправдана и сите закани беа оправдани. Затоа си постои систем, не може некој туку-така да го руши. Тоа е исто како во некоја држава десет клуба да се договрат и самите да си направат лига. Е, како може тоа? Или во некои други спортови, да си се договорат два-тројца да играат, а за другите да не ги интересира. Не може тоа така, мора некогаш и послабите да победат, а за среќа, тоа се случува. Овие клубови ги водат големи бизнсимени кои немаат врска со фудбалот и чисто оваа Суперлига ја гледаа од финансиски аспект“, заврши Панчев.

Засега, од европската Суперлига се откажаа десет од вкупно дванаесет клуба кои ја имаа идејата за формирање на ова ново натпреарување кое предвидуваше по 350 милиони евра за секој учесник. Сите клубови од Англија и Италија се повлекоа, а од Шпанија, „не“ кажа само Атлетико. Со официјално соопштение на оваа тема немаат излезено уште од Барселона и од Реал Мадрид.