Панчев: Црвена Звезда и Вардар не ми се само фудбал, туку и живот!

Македонската фудбалска легенда, фудбалерот на векот, Дарко Панчев, е во фокусот на вниманието на многу медиуми пред дуелот меѓу Интер и Црвена Звезда во Лигата на шампионите - двата поранешни клуба на Кобрата.

Во Црвена Звезда се афирмира како најдобар светски шпиц, ја освои Златната копачка, Сребрената топка, беше трет најскап трансфер во светот во тој период... но, по тој трансфер, кога потпиша за Интер, не се снајде баш најдобро во Италија.

„Јасно е за кого навивам: Црвена Звезда, како и Вардар, македонскиот клуб во кој пораснав, ми се апсолутно се. И тука не зборувам само за фудбалот, туку и за животот. Звезда ме научи како да постојам на овој свет“, вели Панчев за Газета Дело Спорт.

Панчев во продолжение говореше и за неговата авантура во Интер, како и мечот во Црвена Звезда.

„Дарко Панчев не е огорчен или лут на Интер, тоа не може да биде така. Интер е големо име кое заслужува почит. Институција беше тогаш, е сега и секогаш ќе биде, и без разлика на се, среќен сум што играв таму. Интер е фаворит на мечот со Звезда и тоа треба да се прифати, дури и ако никогаш не се знае. Но, без разлика на резултатот, на голема сцена како Сан Сиро, важно е да се игра достоинствено и со почит. За жал, ќе им недостига Иваниќ, најдобриот играч на Звезда, тој е прекрасен плејмејкер кој знае да шутне и да асистира. Никогаш не престанав да го следам Интер, дури и ако италијанското првенство не е толку силно денес како што беше во мое време. Но, ми се допаѓа напаѓачкиот фудбал на Инзаги, не се брани, не калкулира. Сигурно се најдобри во Серија А. Секако дека нивото е повисоко во Лигата на шампионите, бидејќи таму имате гиганти како Реал, Манчестер Сити и Баерн“, истакна Кобрата.

Натпреварот меѓу Интер и Црвена Звезда се игра со почеток од 21:00 часот.