Панчев: Ако не го добиеме Косово, тоа ќе биде огромен неуспех!

Дарко Панчев е секогаш искрен во своите обраќања до јавноста. Тој важи за еден од најдобрите спортисти во нашата историја и човек кон кого има голема почит од сите земји во бивша Југославија.

Поранешниот голгетер на Македонија, но и на Црвена Звезда и Вардар, во последното интервју кажа свое мислење за шансите на нашата репрезентација да се пласира на Европското првенство наредната година.

„Шансите да се пласираме на Европско првендтво се големи, но не треба да потценуваме никого. Со оглед на тоа што селекторот Игор Ангеловски вели дека ова е најдобра генерација во историјата, тогаш не би требало да имаме проблеми.

Фаворити сме против Косово, со оглед на тоа што играме на домашен терен. Ако не победиме на тој меч, тоа ќе биде голем неуспех за нашата земја“, вели популарниот „Кобра“.

Потоа Панчев зборуваше за успехот со Вардар и пласманот во Лига Европа и што беше пресудно за тој успех.

„Моето и доаѓањето на Илија Најдовски (технички директор) беше пресудно. Од тој момент работите тргнаа во позитивен правец. Заедничката работа донесе радост за навивачите и сите членови и приврзаници на Вардар“, вели 54-годишникот.

За крај, македонската фудбалска легенда кажа неколку реченици за состојбата на македонскиот фудбал и шансите Вардар да ја освои шампионската титула во домашното првенство.

„Само би кажал дека треба многу, многу работа за да се подобри состојбата во македонскиот фудбал.

Во последните неколку години постојат само две екипи, а тоа се Вардар и Шкендија. Оваа сезона Вардар е блиску до титулата, најмногу поради проблемите со кои се соочува големиот ривал од Тетово. Но, не треба да се опушти, бидејќи и минатата година испушти висока предност на табелата“, заврши Панчев.

За потенцијалните фудбалски ангажмани, поранешниот македонски репрезентативец вели дека моментално не разгледува ниту една понуда, а би работел од срце само во Вардар или Црвена Звезда.