ВИДЕО: Палас го расипа дебито на Ван де Бек, Јунајтед стартуваше со домашен пораз

Првиот натпревар од новата сезона во Премиер лигата за Манчестер Јунајтед донесе пораз на домашен терен од Кристал Палас (1-3). Рој Хоџсон го надмудри Оле Гунар Солскјер и запиша големи и непланирани три бода на ова тешко гостување.

  • Извештај од натпреварот: 

Гостите рано поведоа и потоа со дефанзивна тактика му се спротиставија на фаворитот. И не само тоа, постигнаа и два гола во вториот дел за потврда на успешната вечер во Манчестер. Шулп доби топка на левата страна и упати центаршут по земја на подалечната статива. Таму се најде Таусенд кој немаше проблем да го совлада Де Хеа за почетни 0-1 уште во седмата минута.

Во неколку наврати ВАР-собата се вклучи во натпреварот и му помогна на главниот судија Мартин Еткинсон да ја донесе правилната одлука. Првиот дел не донесе промена на резултатот, а гостинските фудбалери преку пенал ставија точка на мечот. Првиот обид не го искористи Џордан Ају, но затоа Вилфред Заха погоди во повторниот удар од белата точка за 0-2 во 74. минута. Шпанскиот голман излезе од гол-линијата, па тоа го натера судијата одново да покаже најстрога казна за Кристал Палас.

Шанса во вториот дел доби и Дони ван де Бек и на дебито постигна гол за утеха. Новото засилување на „црвените ѓаволи“ се најде на вистинското место и со многу среќа го намали резултатот. Тоа дополнително го мотивираше домашниот тим да тргне во тотална офанзива, што наиде на казна на спротивната страна. Заха стави крај на сите надежи на Јунајтед со реализација во 84. минута, откако го доби дуелот со Линделоф.

Кристал Палас ја запиша втората победа во новата сезона и се израмни со Евертон на врвот на премиерлигашката табела.