Падна првата жртва по крајот на сезоната во ПЛ – Хјутон заработи отказ од Брајтон! 

Го одведе тимот во Премиер лигата, оваа сезона обезбеди опстанок, но и покрај тоа Крис Хјутон не е повеќе менаџер на тимот на Брајтон

Утрово, раководството на малиот тим од јужна Англија се реши да му врачи отказно решение на својот менаџер и покрај тоа што оваа сезона зацртаната цел беше остварена и тимот и во иднина ќе се натпреварува во Премиер лигата. 

Но, доколку се погледне подетално ситуацијата, Брајтон не обезбеди опстанок благодарение на добрите игри или резултати, пред сè заради тоа што под него има екипи како Хадерсфилд, Фулам и Кардиф кои одиграа катастрофална сезона и немаа никакви шанси за опстанок во лигата. 

„Несомнено, ова е најтешката одлука која моравме да ја донесеме. Хјутон одработи фантастични четири и пол години, но оваа сезона тимот не одигра како што очекувавме и на последните 23 натпревари оствари само три победи. Потребни ни се промени, а првиот чекор го направивме со негово разрешување“, соопштија од клубот. 

Хјутон во редовите на Брајтон пристигна во 2014 година и истата сезона успеа да не испадне од Чемпионшип, а по две сезони го одведе тимот до најголемиот успех во поновата клупска историја – влез во Премиер лигата. 

Брајтон сезонава играше и во полуфиналето на ФА Купот, каде што загуби од Манчестер Сити со 1-0.