Падна договор: Стариот лисец ќе ја спасува сезоната на Рома

Италијанскиот клуб Рома е пред промоција на новиот тренер, а тоа ќе биде Клаудио Раниери. Искусниот стратег кој последно го водеше Каљари се враќа на „Олимпико“ каде што работеше од 2009 до 2011 година. 

73-годишникот и Рома се договорија за соработка најмалку до крајот на сезоната, па за понатаму ќе се дискутира на почетокот на следната година или налето. Раниери седнува на клупата на „волчицата“ откако клубот по неполни два месеци му врачи отказ на Иван Јуриќ, а претходно екипата ја водеше и Даниеле Де Роси. 

Во моментов Рома е на 12. место на табелата со 13 бода, па стариот лисец ќе има задача да ја спасува сезоната на тимот од Рим. 

Клаудио Раниери во кариерата освен Рома и Каљари водеше многу клубови како Наполи, Фиорентина, Атлетико Мадрид, Валенсија, Челзи, Парма, Јувентус, Интер, Монако, Лестер, Нант, Фулам, Сампдорија и Вотфорд, а беше и грчки селектор. Најголемиот успех му е освојувањето на Премиер лигата со Лестер во 2016 година, што беше едно од најголемите изненадувања во фудбалот.