Озил заработува најмногу во Арсенал, но одбива намалување на платите

Екипата на Арсенал соопшти дека заедно со фудбалерите, менаџерот и стручниот штаб постигнале договор за намалување на платите во наредниот период, поради финансиските загуби кои ги трпи клубот поради пандемијата со коронавирусот. 

Меѓутоа, имало фудбалери кои се спротиставиле на оваа одлука на клубот и одбиваат да го потпишат тој договор. „Дејли меил“ пренесува дека тројца „топџии“ сè уште тактизираат, меѓу кои е и Месут Озил, најплатениот фудбалер во тимот (350.000 фунти неделно).

Искусниот играч за врска претходно најави дека е подготвен за намалување на својата плата, но прво сака клубот да го увери дека е во финансиска загуба во овој период кога нема фудбал. 

Претставникот на германскиот фудбалер Еркут Согут смета дека пандемијата нема да создаде големи дупки на клубовите и тие сè уште можат да остварат ист профит како во минатата сезона.

Инаку, клучната улога во намалувањето на платите на фудбалерите ја имаше менаџерот Микел Артета. Шпанскиот стратег успеал да ги убеди да го потпишат овој договор, кој има и клаузула - доколку тимот обезбеди Лига на шампиони следната сезона, остатокот од платите ќе им биде исплатен.