Озил не размислува да го напушти Арсенал ова лето

Иако не игра во својата препознатлива форма, Месут Озил не размислува за напуштање на Арсенал пред да заврши неговиот договор, потврди неговиот агент Еркут Согут.

Поранешниот германски репрезентативец има важечки договор со „топџиите“ до јуни 2021 година, а иако се шпекулираше дека е на излезни врати од Лондон, тој ќе остане во тимот на Артета и следната сезона.

„Озил има уште една година од договорот со Арсенал и тука ништо нема да се промени. Што ќе се случи потоа, не знам. Тој ќе има 32 години и ќе може уште да игра“, вели Согут.

Озил во редовите на Арсенал се пресели во 2013 година од Реал Мадрид, а со последниот договор кој го потпиша спаѓа меѓу најскапоплатените фудбалери во Премиер лигата со 350.000 фунти седмично.