Овоно скршен по трагедијата: Страшна несреќа, од срце би сакал да можам да ја променам!

Голманот на Андора, Хесус Овоно, минува низ исклучително тежок период по трагичниот настан на натпреварот против Тенерифе, на кој по нивниот меѓусебен судир почина напаѓачот Хесус де Мигел.

Шпанскиот фудбал е во шок по смртта на 30-годишниот Де Мигел, кој на втори ноември во судиското продолжение од натпреварот против Андора доживеа тежок судир со голманот Овоно. По ударот во пределот на градите, напаѓачот доживеа срцев удар, беше пренесен во болница, но следното утро ја загуби животната битка.

Овоно доби директен црвен картон, а по трагедијата се соочи и со бројни навреди и закани на социјалните мрежи, поради што го деактивираше својот профил на Инстаграм. Во средата, голманот за првпат јавно се огласи и испрати емотивна порака, признавајќи дека случувањата ќе го следат во текот на целиот живот.

„Длабоко сум потресен од она што се случи на теренот. Она што требаше да биде уште еден фудбалски натпревар се претвори во трагедија која ќе ме следи цел живот. Никогаш немав намера некому да му наштетам. Тоа беше страшна несреќа, нешто што од срце би сакал да можам да го променам“, напиша Овоно.

Тој упати сочувство до семејството, пријателите и соиграчите на починатиот фудбалер, додавајќи дека ниту еден натпревар, победа или ривалство не вреди колку човечки живот.

Во одбрана на голманот застана и неговиот соиграч од Андора, Лаутаро Шпац, кој порача дека Овоно никогаш намерно не би повредил некого. Клубот, пак, потврди дека обезбедува психолошка поддршка за сите во тимот на кои им е потребна по трагедијата.