Овче Поле и Вардар Неготино тагуваат, Арсими и Караорман патуваат во ВМФЛ

Шампионот на Трета лига – Запад, Арсими испиша нова страница во својата клупска историја, затоа што во следната сезона ќе се натпреварува во единствената Втора македонска фудбалска лига (ВМФЛ).

Во денешниот бараж дуел, одигран на стадионот во Ѓорче Петров, фудбалерите на Арсими преку пресврт го совладаа составот на Овче Поле од Свети Николе со 4-1 и со голема победа ја крунисаа успешната сезона. 

Прв на водство се радуваше тимот од Свети Николе, откако противничкиот голман направи катастрофална грешка и дозволи лесен погодок за 1-0 за Овче Поле, резултат со кој се замина на одмор. По паузата Арсими ги покажа своите квалитети на терен и со четири гола се избори за пресврт и заслужена победа. 

На вториот денешен бараж, кој што се одигра на стадионот во Маџари, екипата на Караорман беше поуспешна по изведувањето на пеналите против Вардар Неготино и тимот од Струга слави пласман меѓу второлигашкото друштво.