„Ова е скандал и катастрофа за фудбалот во Македонија“

Екипата на Воска Спорт со минимални 1-0 го загуби регионалното дерби со Струга Трим Љум, но овој натпревар крена многу прашина во македонската фудбалска јавност, поради неколку одлуки на судиите.

Новајлијата во лигата не го крие своето незадоволство од делењето на правдата на овој дуел, а тренерот Миљан Радовиќ истакна дека ова е катастрофа за македонскиот фудбал.

„Ова е катастрофално за фудбалот во Македонија. Таквото судење од страна на делителите на правдата ги надминува сите очекувања. Ова е скандал.

Навистина ми е жал за нашите момци кои се бореа до крај, одиграа добро, но не можеш да играш против друга сила која те казнува со своите одлуки. Одиме напред, уште посилни“, рече тренерот на Воска Спорт.

Со овој триумф Струга Трим Љум го презеде врвот од Шкупи, кој пак веднаш по натпреварот во Охрид го крена гласот и посочи дека шампионот до трите бода стигна со голема помош од судиите.