„Ова е историски ден“: КОНМЕБОЛ одобри натпревар на 4.000 метри надморска височина

Јужноамериканската фудбалска федерација КОНМЕБОЛ одобри натпреварот од Копа Либертадорес помеѓу боливискиот Ојвејс Реди и перуанскиот Спортинг Кристал на 20 февруари да се одигра на фудбалскиот стадион во боливискиот град Ел Алто на 4.083 метри надморска височина.

Претставниците на јужноамериканската конфедерација во понеделникот го прегледаа стадионот „Вила Ингенио“ кој е отворен во 2017 година и е со капацитет од 25.000 луѓе, пред да дадат зелено светло за домаќин на натпреварот од второто коло во Копа Либертадорес, еквивалент на Лига на шампиони во Јужна Америка.

„Ова е историски ден за градот Ел Алто“, рече претседателот на Ојвејс Реди, Андрес Коста на прес-конференцијата на стадионот, највисокиот во Боливија.

Основан во 1933 година, клубот Ојвејс Реди се врати во боливиската прва лига во 2019 година, за првпат по 28 години, а по четврти пат во својата историја учествува на Копа Либертадорес.